Алатката „Солар Дата Колектор“ е иновација на македонската компанија „Свифт Дата“ и нуди можности за прецизно проценување на сончевиот потенцијал на одредена локација и им ја олеснува одлуката на потенцијалните инвеститори.
Големиот број на сончеви денови во земјава и можноста за максимално искористување на потенцијалот на сонцето е голема шанса и мотивација за развој на овој бизнис кај нас, но и за едукација на соодветни кадри кои ќе имплементираат овие системи. Проценката на соларен потенцијал значи мерење на потенцијалот на одредена локација на која е планирана инвестиција, односно изградба на фотоволтаична централа, во реални и точни бројки со 99 отсто сигурност и креирање сценарија за заработка од произведената електрична енергија. Овие извештаи се наменети за сопствениците-инвеститорите на фотоволтаичните централи, банките кои ги кредитираат проектите и државните тела кои прават проценка и анализа на понуди доставени на јавни повици поврзани со оваа индустрија.
Според инженерите, Александар Момироски и Дамјан Постоловски, основачи на „Свифт дата“, СоларДатаКолектор е решение кое се состои од два дела, хардверски и софтверски. Солар Дата Колектор е хардверската компоненета со помош на која се собираат податоци од локацијата на која што сакаме да го измериме соларниот потенцијал. Тие податоци се испраќаат на Солар Дата платформата, каде што може да се следат во живо, а клиентот веднаш да биде информиран за потенцијалот на локацијата.
„Софтверот е алатката која ги овозможува податочните анализи и се базира врз комбинација на компоненти, под-системи, некои со отворен код, а некои интерно изработени од тимот на „Свифт Дата“ по повеќегодишно истражување и развој. Истражувањето и развојот се надоврзува на долгогодишни истражувања и публикации кои се во отворен домен, препораки на организации влијателни во индустријата, како и стандарди. Конкретно, земени предвид се препораки на NREL (National Renewable Energy Laboratory) и различни IEC стандарди за процесите во една фотоволтаична централа. Истражувањето кое го правевме беше во насока на подобрување на прецизноста и намалување на грешката во моделите за предвидување на производство од фотоволтаични централи, како и системи за автоматска детекција на дефекти. Алатките со кои се служевме се користат во индустријата за податочна анализа, конкретно, алатки во програмскиот јазик python. Инфраструктурата на решението е cloud, а типот на архитектурата е наречен “Service oriented architecture”. Со овој принцип, можеме да гарантираме висока достапност, надежност, безбедност и брзина на развој. Хардверот е портабилна метеоролошка станица која се базира врз различни компоненти кои се комерцијално достапни, но и интерно изработени компоненти за целосна интеграција на истите“, вели Дамјан Постоловски.
На почетоците на развојот на идејата Постоловски и Момироски биле матуранти, со мали знаења во сферата на енергетиката. Идејата настанала спонтано и така продолжила и да се развива. Во првата година од животот на СоларДатаКолектор тие ги учеле основите на енергетиката, моделите врз кои се изготвуваат студии, како се мониторираат централи и многу други основни работи кои не ги знаеле дотогаш. Паралелно студирале и знаењата ги пренасочувале во Солар Дата Колектор.
„Јас како машински инженер бев фокусиран на истражување на изработка на студии за хардверската компонента, а Дамјан како ИТ инженер ја основаше подлогата за започнување на работа. Знаењето кое го стекнувавме во академските клупи е само 10 отсто од знаењето кое настрана го добивавме преку присуство на разни обуки/конференции и саеми. Додека го градевме Солар Дата Колектор, соработувавме со неколку експерти кои ни помогнаа во неговата реализација. Дополнително контактите и помошта која ја добивавме од наши познаници ни помогна да работиме. Мотивацијата и поддршката која ја добивавме од најблиските беше еден од клучните фактори за да не се откажеме и само да студираме“, вели Александар.
Развојот на решението продолжило во кофинансиран грант заедно со Фондот за иновации и технолошки развој и со вклучување на надворешни експерти за изработка на архитектура на софтверот и сертифицирање на производот. Сите останати активности ги решавале со вработените програмери и електроинженери Ивона, Дарко и Тони, и за две години успеале да го направат Солар Дата Колектор тоа што е денеска. Во тој период, објаснува Александар, секој имал своја посебна задача. Дарко и Тони го развивале софтверот како софтверски инженери под водство на Дамјан, а Ивона ги креирала моделите врз кои се базираат пресметките, моделите и алгоритмите, кои решението го прават уникатно.
„Ако треба да се издвои листа на вештини кои нас ни биле потребни, тоа би било склоп од софт-скилс и знаења од техничките области. Од софт скилс би рекол тоа се преземање калкулирани ризици, презентациски вештини, способност за работа под кратки рокови, сепак, ова решение на почетокот произлезе од 48 часовен хакатон, brainstorming и одлучување под нецелосно јасни околности, бидејќи да се биде старт-ап значи да се појде во непознати области, за кои немате доволно ресурси дополнително да истражите. Исто така, потребни се и вештини за продажба и претставување пред клиенти – заедно со целата психологија која ги води купувачите, односно клиентите да се одлучат за вашето решение, маркетинг, истражувања на пазарот, преговарачки способности, финансиска зрелост и буџетарно размислување и планирање, вештини за препознавање на потенцијал кај некој иден колега, пазар, можност…“, објаснува Александар.
Од техничките вештини и знаења, вели, најбитна е пасијата за истражување, осознавање нови нешта и постигнување на целите преку процесите кои се најдинамични на почетокот на создавањето на решението, а потоа се усовршуваат преку итерации. Програмирањето, администрација на системи, мрежи, автоматизација на повторливи активности, „дебагирање“, наоѓање на коренот на проблемот, користење на модерните алатки и процеси за развој на софтвер, се исто така дел од нив. Тука спаѓа и способноста за избор на алатки и решенија и креирање архитектура која во иднина ќе биде компатибилна со долгорочните планови на компанијата за да не мора да се „преработуваат“ некои работи поново, способност за апстрактно размислување, комуникација и држење врска помеѓу лица кои имаат различни знаења, способности и наоѓање начин таа диверзификација да биде позитивна страна на компанијата, односно да биде продуктивна.
Секако, нагласуваат Постоловски и Момироски, потребно е и познавање на областа и прибирање на експертски мислења што го забрзува целиот процес и ги намалува другите ризици за неуспех.
„На крај, треба да има некој кој што ќе ги искоординира сите делчиња за да работат кохерентно, дека се запазуваат рокови, цели, некој кој што ќе биде на кормилото и ќе го насочува тимот, некој што ќе ја гледа големата слика, додека тимот е задлабочен во секојдневните обврски и чистење на „палубата“. Оваа листа секако, не е целокупна. Исто така, битно е да се напомене дека не значи дека сите овие вештини ги поседува тимот подеднакво добро. Тимот постојано се усовршува заедно со решението кое го гради. Некогаш, некои вештини ќе недостигаат, па мора да се импровизира. Склопот на околности, или како што некој би рекол – среќа, секако дека има влијание во успешноста, но „среќата“ ќе пружи една можност која ако не се искористи преку другите вештини, можноста засекогаш ќе си замине“, посочуваат тие.